Градежен факултет во Крива Паланка

Дисперзирани студии по градежништво при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ќе бидат отворени оваа учебна година во Крива Паланка. Предвидени се 80 места за идните студенти на овие студии на Градежниот факултет, кои ќе плаќаат партиципација од само 100 евра, а за оформување на студиската група потребно е да се запишат минимум 25 студенти.

Факултетската настава ќе се одвива во просториите од зградата на поранешната касарна во Крива Паланка.

– Договорот со изведувачот на адаптацијата на просториите е веќе потпишан. Реновирањето на објектот наскоро ќе почне и ќе трае најдоцна до 15 септември пред почетокот на студиите. Станува збор за еден кат од околу 400 квадратни метри, во кој ќе се опремат три предавални, неколку кабинети, административни и други помошни простории. Во нив ќе бидат сместени студентите од Факултетот по информатика при Природно-математичкиот факултет, отворен минатата година, како и новите студенти од Градежниот факултет. Наставата ќе се одвива според истата наставна програма како на факултетот во Скопје, а ќе ја изведуваат професорите од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – вели деканот на Градежниот Факултет, д-р Петар Цветановски.

Скопската градежна фирма „Вејмаст инженеринг“ ќе изврши комплетно реновирање на просториите, санација на покривната конструкција, електричната инсталација и на санитарните јазли.

Во општината очекуваат значително интересирање кај младите за градежната насока, како регион со долга традиција во градежништвото.

– Кривопаланчанци се најпознатите градежници во регионот и очекуваме интересирање за оваа традиционална гранка, за која наставата ќе се одвива според истите критериуми на Градежниот факултет во Скопје, а студентите ќе имаат многу помали трошоци, односно можности за студирање. Очекуваме и студенти од Кратово, Ранковце, Пробиштип и од околните општини, а веќе разговарав и со градоначалникот на соседната погранична општина Босилеград од Србија, од каде што исто така се очекува прилив на студенти – истакнува градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Со дисперзираните студии по информатика, кои се отворени минатата година, како и оние по градежништво, што ќе почнат годинава, Крива Паланка станува мал универзитетски град кој им ги отвара вратите за високо образование на голем број млади што досега немаа пари да студираат на универзитетите во големите центри.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст