Ученичкиот дом Боро Менков од Крива Паланка располага со 84 легла за сместување ученици во претстојната учебна 2015/2016 година,- информира директорот Валентина Јовевска. Јовевска потенцира дека учениците кои конкурираат во првиот уписен рок, комплетната документација може да ја доставуваат од утре до 6 јули.
– Од утре започнува пријавувањето во јунскиот уписен рок и важи за сите средношколци кои се запишани како редовни ученици во средното образование во учебната 2015/2016 година, а се државјани на Република Македонија. Истите треба да се запишани на наставен план и програми кои не се застапени во општината, односно градот каде ученикот има постојано место на живеење. Исто така училиштето во кое ученикот е запишан треба да е оддалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз или пак училиштето во кое ученикот е запишан да е одалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз-појасни Јовевска.
Јовевска рече дека во „Боро Менков“ се сместуваат средношколците кои посетуваат стручна настава во некоја од наставните насоки во средното општинско училиште Ѓорче Петров од Крива Паланка.
-Во нашиот дом доаѓаат учениците од гимназијата каде изучуваат некоја од понудените струки. Покрај тоа, во нашата кујна се изведува и праксата од угостителско-туристичката насока. Условите за сместување во домот се одлични, а ние постојано работиме на унапредување на истите-додаде Јовевска, нагласувајќи дека крилото В од домот беше комплетно реконструирано и реновирано од страна на МОН во 2013 година.
Резултатите од конкурсот по првиот уписен рок ќе бидат објавени најдоцна до 16 јули 2015 година, а вториот уписен рок ќе трае од 25 до 30 август годинава.
Учениците од основните учлишта се сместуваат без распишување конкурси, согласно критериумите за упис кои важат за сите.