Со низа свечености, музички и ликовни перформанси во Крива Паланка беше одбележан Денот на Европа, 9-ти мај.
[embpicasa id=”6147497823248626961″]
Централната свеченост се одржа на градскиот плоштад каде преку повеќе креативни форми беа промовирани и афирмирани европските вредности, со актуализација на идентитетот на сите народи на европскот континент.
На свеченоста пред кривопаланчани се обратија градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски и конзулот на Република Чешка во Македонија, Павел Духоњ.
-Традиционално секоја година во Крива Паланка се слави Денот на Европа со бројни активности на најмладите жители на општината донесувајќи ја атмосферата на Европа во нашиот град кој е „Источна порта на Европа“. Годинава Европа слави јубилеј од иницијативата на Роберт Шуман за обединување на народите од континентот, 65 години од основањето на Европската Унија во која земјите се обединија зајакнувајќи ја својата стабилност, а Македонија чекори сигурно по тој пат-изјави градоначалникот Алексовски.
Чешкиот конзул во Република Македонија, Павел Духоњ, изрази задоволство што за разлика од многу свои колеги од странските амбасади во земјава кои се на разни свечености во главниот град тој присуствува токму во Крива Паланка.
-Среќен сум што денес, на 70-годишнината од ослободувањето на тогашна Чехословачка, мојата земја сум ,овде со вас, славејќи ја победата над фашизмот. На 8 мај во Прага завршила војната во 1945, додека на 9 мај во 1950 започнува сосединувањето на Европа , за да и денес, 65 години подоцна, земјите членки ја промовираат слободата, демократијата, правната држава, рамноправноста и почитувањето на правата на националностите и малцинствата-изјави Духоњ.
Духоњ потенцира дека чешка лани прославила 20 години од приемот во Европската унија која на државите членки им овозможува стабилност, просперитет и развој.
-И покрај гласовите на многу скептици ЕУ опстојува десетици години, обезбедувајќи им на земјите членки мир и стабилност . Моите колеги од амбасадите се некад низ главнито град, но нашата девиза е да се биде секаде, па токму поради тоа сме овде и подготвивме мала изложба за спомениците на УНЕСКО во соработка со Локалната установа Градски музеј од Крива Паланка-рече Духоњ.
Настанот беше збогатен со културно-уметничка програма на која настапија учениците од основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“, фолклорните друштва, КУД Карпош, КУЗ Фолклористи и КУД 8-ми Октомври, како и дечињата од детската градинка „Детелинка“.
Членовите на ликовниот клуб при Националната установа Центар за култура од Крива Паланка преку цртежи и слики го претставија својот поглед кон Европа, а основците од градот ги претставија земјите членки на ЕУ, Франција, Германија, Естонија и Чешка.
Во одбележувањето на Денот на Европа се вклучија повеќе невладини организации од општината со презентација на своите проекти финансирани од фондовите на Европската унија.
Одбележувањето на 9 мај во Крива Паланка започна со музичкиот перформанс „Европа без граници“ на учениците од нижото музичко училиште при ООУ„Јоаким Крчовски“ кој се одржа во средата на 6 мај во Градскиот музеј од Крива Паланка, а ќе биде заокружено со мултијазична поетска вечер во организација на Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ закажана за вечерва во 18 часот.
Настаните се во организација на општина Крива Паланка, во соработка со ЕУ инфо центарот и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.
Дел од бројните настани кои се одржаа во пресрет на Денот на Европа беше и завршната конференција на проектот „Јавните институции енергетски ефикасни”, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија. Проектот е имплементиран од ООУ „Илинден“ од Крива Паланка и Центар за општествена подршка „Да има среќа во детските очи“ од Дупница, Р. Бугарија.