Организацискиот одбор на фестивалот „Џој фест“ денес во Локалната установа Градски музеј, Крива Паланка на прес – конференција го најави утрешното, четврто, издание на фестивалот.
„Џоифест“ ќе се одржи на плоштадот „Карпошово Востание“ со почеток во 20 часот.
-Ние како уметничка екипа на фестивалот и општина Крива Паланка веќе по четврти пат го организираме фестивалот за алтернативна музика „Џој фест“ на кој досега продефилираа некои балкански имиња , Бајага и инструктори, како и поголем дел од македонските групи и изведувачи, Бени, Ептен, Фулиш Грин, Конкуеринг лајон, Смоукшејкерс, Нокаут, Суперхикс, Венко Серафимов и други, при што можеме да се пофалиме дека програмскиoт дел на фестивалот ја промовира македонската алтернативна музика и може да се вброи во еден од ретките кои го прават тоа-изјави Александар Михајловски, уметнички директор на фестивалот.
Тој информира дека оваа година на фестивалот гостува балканската музичка ѕвезда Ален Исламович и бендот „Кад би био Бијело Дугме“.
-Покрај главните гости за забавата на посетителите на годинашниот „Џој фест“ ќе бидат задолжени и два моќни македoнски бендови „Ај кју“ и „Шутка рома рап“, додека во промотивниот дел од фестивалот на сцената ќе настапи и кривопаланечкиoт бенд „Ребелс“ составен од талентирани надежни младинци ,а водител, кој е истовремено е и наш драг пријател, ќе бдие актерот Гораст Цветковски-рече Михајловски.
Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, како дел од организацискиот одбор уапти благодарност до уметничкиот директор и останатите членови на одборот за ангажираноста за промоција и организација на годинашниот фестивал.
– Разновидниот репертоар на „Џој фест“ секоја година е со цел љубителите на рок -музиката од сите генерации да уживаат, да бидеме атрактивни за да се привлече публика од сите краеви на Македонија и пошироко, за што е направена добра маркетинг-промоција, со памфлети, постери, видео-спот. Се надеваме годинава ќе забележиме рекорден број посетители, во предвечерјето на прославата на празникот на градот – рече Алексовски.
Михајловски потенцира дека е презадоволен од тоа како фестивалот се развива од востановувањето досега.
-Фестивалот се развива одлично. Крива Паланка е мала општина и „Џој фест“ започна како граѓанска иницијатива во 2012 година, но веќе следната година градоначалникот и локалната самоуправа застанаа зад нас како покровители и истиот од година во година прераснува во своевиден музички бренд на Крива Паланка – додаде Михајловски.
Според него се остварува и целта да се популаризира рок-музиката, особено помеѓу помладите генерации, што како што рече, на нивно огромно задоволство, се остварува, бидејќи се поголем број млади од градот музицираат и имаат свои бендови со кои настапуваат на разни настани од културата во општината.
-Веќе се планира програмата за следната година, а апелирам до сите младински рок-состави од општината и регионот да се пријават за учество за да бидат дел од следното издание – нагласи Михајловски.
Градоначалникот Алексовски додаде дека секоја генерација има свој препознатлив бенд со чијашто музика расте и се идентификува, а во Крива Плаанка веќе една деценија не е така, па токму со фестивалот, рече, се трудат да заживее таквата музичка култура помеѓу младите.
Инаку, годинава се одбележува јубилеј од 50 години од создавањето на првиот рок-состав во Крива Паланка, „ВИС-витези“, кој бил формиран 1965 година.