Наредните два дена општина Крива Паланка се очекува да биде домаќин на неколку илјади верници од регионот и соседните земји поради чествувањата на двата големи христијански празници, Успение на Пресвета Богородица и Свети Јоаким Oсоговски .
Од Кривопаланечкото архиерејско намесништво информираат дека во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски “се завршени подготовките за чествувањата на двата големи празници.
Чествувањата ќе започнат вечерва со служење вечерна литургија во манастирот со почеток во 18 часот, а утре, на празникот Успение на Пресвета Богородица, со утринската Божествена литургија која започнува во 8 часот, ќе чиноначалствува митрополитот Кумановско-Осоговски г-н Јосиф.
-Неговото преосвештенство, владиката Јосиф, ќе чиноначалствува и со вечерната литургија утре, како и со утринската Божествена литургија на 29 август, кога се празнува светецот-закрилник, патрон на манастирот, Свети Јоаким Осоговски-изјави отец Александар Смиљков.
Тој информира дека манастирскиот комплекс располага со сместувачки капацитет од стотина легла за сите верници кои ќе сакат да останат повеќе денови во манастирот.
-Во стариот и новиот манастирски конак има стотина легла за сместување, додека во завршна фаза е изградбата на новиот манастиркси конак и придружните објекти кои ќе ги надополнат сместувачките капацитети и понудата во манастирот во следниот период. Како и секоја година, и годинава очекуваме неколку илјади верници за време на претстојните празници, особено поради фактот што времето ќе биде убаво, а ни претстои и продолжен викенд, рече Смиљков, упатувајќи ги сите верници да уживаат во прекрасниот духовен рај под Осоговските Планини.
На 29 август, по утринската литургија ќе биде осветена и вода во дворот на манастирот. На 30 август, пак, недела тринаесетта по Педесетница во соборниот храм „Свети Димитриј“, во Крива Паланка митрополитот Кумановско – Осоговски ќе одржи Божествена Литургија со почеток во 8 часот.