Со кревање на фестивалското знаме и врачување на признанието „лауреат“ на драмскиот писател Јордан Плевнеш, синоќа, во Н.У. Центар за култура, свечено отпочна седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.
[embpicasa id=”6194677928680942401″]
Во своето свечено обраќање градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, направи ретроспектива на досегашните театарски изданија, истакнувајќи дека оваа културна манифестација ја прави општината подиум на кој се вкрстува креативниот наплив на театарските куќи од Балканските земји.
-Создадовме нов културен бренд и изградивме сопствен театарски идентитет, кој е респектиран од престижните балкански театри. Се надевам дека и годинава публиката ќе биде задоволна од понудената програма на театарски престави и дека фестивалот ќе забележи нови успеси и достигнувања, посочи Алексовски.
Фестивалот за отворен го прогласи заменик министерот за култура Драган Недељковиќ, кој се осврна на огромното задоволство на едно место да можат да се видат театарските остварувања од Србија, Бугарија, БиХ, Хрватска, Црна Гора и од Македонија.
Во чест на луреатот Јордан Плевнеш, истакнатиот драмски писател, естетичар, дипломат и професор со меѓународна кариера, беше прикажан 45-минутен документарен филм, изработен од неговите студенти од Париз, а осврт кон неговото творештво даде литературниот и театарски критичар, писател и публицист Гоце Ристовски.
Пред публиката се обрати и лауреатот Плевнеш, кој ги пренесе своите импресии од манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, искажувајќи огромна благодарност до фестивалот и до општината за укажанатата чест и признание. Тој упати порака дека Балканот е прекрасен дел од светот и дека треба да се бориме тој да биде достоен дел од него.
Признанието на лауреатот му го врачи градоначалникот Алексовски, а посебен поздрав од него, останатите гости и од публиката беше упатен и до доајенот на театарската уметност, Милица Стојанова, која е постојан посетител и подржувач на фестивалот.
Официјалната програма на седмиот по ред Меѓународен театарски фестивал започнува вечерва, во 20 часот, со претставата „Ранет орел“, во изведба на Народниот театар од Лесковац, Република Србија.