Во сабота, 21.11.2015 година на централниот градски плоштад во Крива Паланка се одржа манифестацијата „КРИВОПАЛАНЕЧКА ЕКО ХРАНА“. На плоштадот беа поставени штандови со компир произведен во Осоговието, а беа изложени слатки и солени специјалитети од компир изработени од вредните паланечки домаќинки .
– Годинашната манифестација ја збогативме со здрава храна приготвена на традиционален начин и на наше задоволство имаме масовен одзив од паланчани. Се претставија бројни угостители од Крива Паланка, пезионерките од градот, членките на клубот „Достоинствен живот“ при општинската организација Црвен Крст од Крива Паланка и останати учесници. Дечињата пак, од основните училишта и предучилишната установа „Детелинка“ приготвија интересни изработки со есенски мотиви од компир и есенски лисја-ијави Весна Чурчиќ-Величковска, иницијатор за основање на манифестацијата.
Организатор е општина Крива Паланка, која обезбеди награди за најумешните и најбрзите во лупење компир, за најтежок компир кој тежеше 1.200 грама, награден беше и сопственикот кој изложи цвекло со тежина од 1.400 грама, а се одржаа и забавни натпревари за помладите.
– Посетителите ги дегустираа разновидните јадења подготвени од компир, направени од вештите раце на домаќинките, слушнаа за благотворните дејства на компирот, неговото користење како лек и кулинарски трикови за приготвување јадења од компир, а манифестацијата уште еднаш покажа дека нашиот град има со што да се пофали и гордее на полето на здрава – еко храна, покрај компирот, додаде Чурчиќ-Величковска.
[embpicasa id=”6220245328764341297″]