Согласно Законот за управување со електрична и електронска опрема и електрична и електронска отпадна опрема Градоначалникот на Општината Крива Паланка потпиша Меморандум за разбирање и Договор за меѓусебна соработка помеѓу Општината Крива Паланка и лиценцираниот овластен собирач на отпадна електронска електрична опрема фирмата ЕЛКОЛЕКТ ДОО Скопје.
Отпочнувањето на активностите за организирано одделно собирање на електрична електронска отпадна опрема ќе започне во текот на наредната недела и тоа на две локации.
Првата локација определена од Општината за собирање на електрична и електронска отпадна опрема од домаќинствата се наоѓа спроти Автобуската станица. На оваа локација е поставен Еко магацин и времен сад за одлагање на отпадна електрична и електронска опрема обезбеден од страна на фирмата ЕЛКОЛЕКТ.
На оваа локација граѓаните на општината согласно листата на видови на отпад ќе може да ја одлагаат следната електрична и електронска отпадна опрема:
– Неупотребливи големи домашни апарати (фрижидери, електрични шпорети, микро печки, решоа, клима уреди, машини за перење и др.);
– Неупотребливи мали домашни апарати (телевизори, радио апарати, фенови, миксери, пегли, тостери, аудио системи, правосмукалки и др.);
– Неупотреблива информатичка и телекомуникациска опрема (компјутери, тастатури, опрема за копирање, безжични и мобилни телефони, адаптери, дигитрони и др.);
– Неупотребливи електрични и електронски апарати (бор машини, брусалици, машини за мелење, за сечење, за стружење, пили, машини за шиење и др.);
– Неупотребливи апарати и инструменти за мерење и контрола (разни автомати, термостати и др.).
Втората локација каде во текот на наредната недела ќе се отпочне со одделно собирање на електрична и електронска отпадна опрема ќе биде Општинското еко училиште Јоаким Крчовски и тоа како прокетна активност во рамки на проектот Е-отпад создава можности обезбеден преку ГЗ „Центар за климатски промени“ – Скопје чиј донатор на проектот е Амбасатата на САД во Република Македонија, а подржувач на проектот е исто така овластениот собирач ЕЛКОЛЕКТ ДОО Скопје.
За оваа цел во текот на наредната недела од страна на претставници од Центарот за климатски промени во училиштето Јоаким Крчовски ќе се одржи едукативна презентација на учениците со цел запознавање на учениците со негативните последици од несоодветното постапување со електричниот отпад, како и начинот и листата на видови на отпад кои ќе се собираат во оваа училиште. Во текот на проектот ќе бидат одржани и неколку едукативни работилници со ученици од различна возраст.
Од страна на овластениот собирач на овој вид на отпад е обезбеден соодветен еко магацин за собирање и складирање на електронска и електрична отпадна опрема.
Со оглед дека отпадот од електронска и електрична опрема и апарати не смее да се меша и одлага во садовите за комунален отпад се известуваат и замолуват граѓаните и правните лица дека законска обврска е издвојување и одлагање на отпадот од електрична и електронска отпадна опрема. На почетокот овој вид на отпад ќе се собира на првата определена локација кај Автобуската станица.
Контролата и складирањето на електронскиот отпад ќе го спроведува Јавното претпријатие „Комуналец“ – Крива Паланка.