Околу 40 000 верници од земјава и од странство, викендов се собраа во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка, во чест на патрониот празник на Осоговскиот светец, кој се прославува на 29 август. Овој општински и верски празник беше одбележан со повеќе манифестации на локалната самоуправа, а со црковните свечености чиноначалствуваше Митрополитот Полошко-кумановски, Господин Кирил.
Заштитникот на градот и 10-вековното опстојување на Осоговскиот манастир секоја година привлекуваат огромен број гости, кои му оддаваат почит на осоговскиот чудотворец и присуствуват на верската и општинска слава. По традиција, верниците престојуваат во манастирот ноќта спроти 29 август , кога се одржува општонароден собор и на денот на патронот, кога се главните верски свечености.
По повод празникот, на Градскиот плоштад, што го носи името на Осогоскиот пустиножител, се одржа и тродневен Интернационален фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, кој традиционално се организира веќе шеста година.
– – Годинешниот Интернационален фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ е своевиден Балкан во мало. Фолклорните ансамбли , гости на трите фестивалски вечери, беа најголемите амбасадори на националниот иодентитет, на раскошот на фолклорната игра и песна на Блканските простори. Со реализацијата на оваа манифестација го продолжуваме континуитетот на обичајните вредности, на изворното и народно творешто, давајќи свој придонес за глобалната култура, заснована на традициите. Наша заложба е фолклорната уметност и понатаму да биде симбол на културното обединување на народите и запис на трајните сведоштва во историјата на народното создателство, истакна градоначалникот на Крива Паланка, г-н Арсенчо Алексовски.
На фестивалот учествуваа фолклорните ансамбли „Беликесир универзитеси“ од Беликесир, Турција, „Лаза Нанчиќ“од Вршац, Србија, „Пауталија“ од Ќустендил и „Дупница 2000“ од Дупница, Бугарија, како и „Копачка“ од Драмче, Делчевско, „Јанко Глигоров“ и „Овчеполец“ од Свети Николе, „Фолклорни бисери“ од Скопје и „Распеани паланчани“, „8-ми Октомври“ и „Карпош“ од Крива Паланка, Македонија.
Генерален покровител на Интернационалниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ беше Опшитина Крива Паланка во соработка со Н.У. Центар за култура од Крива Паланка, а генерален спонзор чевларската фирма „Кадоро ото “ од Крива Паланка.
На сите учесници и на спонзорот општината им додели плакети, благодарници и пригодни подароци, во знак на соработката и нивното учество на фестивалот.
Во рамките на фестивалот и во чест на патрониот празник на Осоговскиот светец, Св. Јоаким Осоговски, на покана од градоначалникот Арсенчо Алексовски, во посета на Општина Крива Паланка беа и претставници од збратимените градови општина Дупница од Р.Бугарја и општина Вршац од Р. Србија.