Се одржа културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“

Во дворот на црквата Свети Теодор Тирон во Кривопаланечкото село Конопница, во недела,  се одржа манифестацијата „Невестинско поклонение“ на која дванаесет млади невести со своите свекрви се поклонија пред светецот со верба дека ќе добијат пород.

Манифестацијата традиционално започна со поделувањето на поклоненичките марами од страна на инцијаторот за возобновување на манифестацијата г.Стојанче Величковски, а потоа камбаните го најавија свеченото дефиле кое, придружувано од тапаните и народните инструменти, ги воодушеви илјадниците присутни гости.

Станува збор за возобновен обичај кој триесетина години беше запоставен, а веќе седма година се организира од страна на локалната самоуправа на општина Крива Паланка во соработка со националната установа Центар за култура Крива Паланка, Кривопаланечкото архиерејско намесништво на Македонската православна црква, а со подршка на месната заедница и жителите на село Конопница.

– Задоволство е да се видат плејада млади невести заедно со своите свекрви, облечени во автентични носии на нивните предци како се поклонуваат пред светецот Тирон, оживувајќи го обичајот и продолжувајќи ја традицијата. Радоста која ја носат со себе учесничките на овој настан придонесува за уште повесела атмосфера на манифестацијата која на едно место и денес собра голем број верници, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Тој додаде дека „Невестинско поклонение“ е културен бренд на општината, а интерес за учество пројавуваат и невести од регионот, како што рече, и надвор од грaницитe на Македонија.

Свештенослужителите ги благословија невестите, а прочитаа и молитва за зајакнување на брачните врски.

Оваа година културната манифестација е дел од годишната програма за културни манифестации од национален интерес на Министерството за култура.

[embpicasa id=”6264410924309829873″]

Големина на фонт
Контраст