Aктивностите за изградба на т.н. „Пазарска патека“ во кејот на Крива Река се во завршна фаза.
Патеката се протега од главниот влез на градскиот пазар до мостот во центарот на градот крај градскиот парк, истата се гради со камени плочи во широчина од два метра и должина од 275 метри. Целта за изградба на оваа патека е да се намали метежот на градската улица, создавање на пријатно катче за прошетка на граѓаните на Крива Паланка, уредување и разубавување на речното корито како и зголемување на безбедноста на сообраќајот во градот.
Изградбата на пазарската патека претставува континуитет на досега превземените активности за уредување на речното корито на Крива Река. Општината Крива Паланка во изминатиот период ги реализираше проектите за изградба на велосипедско-ролерската патека во должина од 1.200 метри каде се поставени клупи, корпи за отпадоци, извршено е хортикултурно уредување на просторот покрај патеката со засадување на трева, воспоставување на комуникација на велосипедската патека со постоечката инфраструктура преку поставување на скали што се овозможи полесен и побрз пристап до самата патека, како и осветлување на истата. Исто така изградено е минор корито на Крива Река во должина од околу 500 метри и уредување на вливот на Дурачка Река во Крива Река.
Во идниот период Општината Крива Паланка ќе продолжи со активности насочени кон уредување и разубавување на градот.