Веке неколку месеци и во нашата земја се реализира паневропски проект кој го финансира Европската унија и кој има задача да се обединат напорите и создадат услови на корекција на јодниот дефицит и неговите сериозни последици по здравјето на населението особена на децата во Европа. Овој проект е во соработка со Министерство за образование на РМ, Министерство за здравство на РМ, Национален комитет за јоден дефицит и Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје.
Нашата земја беше во минатото јод дефицитарно подрачје со честа појава на струма (гуша) која во одредени делови на земјата имала и ендемска форма. Јодниот дефицит е посебно значаен фактор на ризик за заболувања на тироидната жлезда. Посебни негативни ефекти јодниот дефицит има за време на гравидитетот и доењето и предизвикува абортус, мртвородено дете, вродени аномалии, оштетување на слухот и говорот, намалена тежина на новородените и намален коефициент на интелегенција.
Со долгогодишна програмирана активност во нашата земја и јодирањето на солта во Македонија е постигната корекција на јодниот дефицит а процентот на струмите кај деца од 18.7% опадна во 2000 година на под 1%.
Прегледите што сега се прават во Македонија имаат задача да утврдат каква е сегашната состојба со јодниот дефицит кај децата за да се превземат соодветни мерки ако се констатира дека тоа е потребно. Со програмата се опфатени 30 основни училишта меѓу кои и училиштето ООУ „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка.
На 25-05-2016 г. во многу добра организација и плодна соработка со органите на училиштето, стручната служба, наставниците и родителите на децата беа направени прегледи во основното училиште „Јоаким Крчовски” во Крива Паланка.
Прегледите беа 40 ученици и тоа 20 ученици од III одделение (со наполнети 8 години) и 20 ученици од IV одделение (со наполнети 9 години).