Во Осоговскиот манастир, на 9 септември започна Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, која годинава се одржува по 24-ти пат. Оваа ликовна работилница е една од најстарите и најафирмираните во земјава и регионот, на која досега учествувале познати ликовни автори од целиот свет и е единствена која се реализира во манастирски комплекс под покровителство на МПЦ.
-Неповторливиот амбиент, недопрената природа, сакралниот мир и слободниот тематски пристап, ќе бидат повеќе од инспирација за креативна конфронтација на различните култури, штѕо ќе дојде до израз во неповторливите ликовни ракописи, истакнува координаторот на колонијата, Јордан Михајловски.
Годинава на колонијата ќе учествуваат 14 ликовни творци од 7 земји, меѓу кои Енес Левиќ од Шведска, Лидија Скаргина од Русија, Катја Ортвејн од Полска, Душа Јесих и Зоран Лесјак од Словенија, Владана Молдован од Србија и Николина Џановска од Бугарија. Нашата земја ќе ја претставуваат Глигор Чемерски, Мирослав Масин, Димитар Стојчевски, Никола Иванов-Балтон, Јулија Гешовска, Роберт Цветковски и Лазо Ѓоргиевски.
Колонијата ќе трае до 20 септември. Создадените дела ќе бидат изложени на 19 септеври во манастирските конаци, а потоа и низ изложбените простори во државата. Во пресрет на 25-годинешниот јубилеј, кој е идната година, веќе се прават и подготовки за негово одбележување, преку изложби во земјава и странство, издавање на каталог со ретроспектива на создадените дела и нејзината дејност и слично.
За одбележување е што втропат годинава, оваа колонија, која функционира како целогодишна манифестација преку постојан галериски простор во манастирот и отворени ателјеа за уметниците, се реализира во скратена верзија. Наместо 15, уметниците творат само 10 дена, поради недостигот на финансиски средства.
–Оваа колонија е единствена по повеќе работи. Освен што се издвојува по тоа што се реализира во самиот манастирски комплекс, со подршка на МПЦ и има придонес во развојот на ликовната култура и творештво, таа има и амбасадорска улога. Низ неа продефилирале огромен број истакнати уметници од кои голем дел активно се вклучиле во афирмација на Македонија во своите земји. Американката Памела Тол и французинот Клод Дервен, директно имаат интервенирано кај нивните влади за признавање на нашата држава, а по примерот на Осоговската колонија е востановена и колонија во Вилмингтон, Северна Каролина. Во функција на државната стратегија за развој на културниот и манастирскиот туризам, очекуваме дека ќе имаме поголема подршка од државата, општината и од останатите институции, за да можеме да го задржиме своето место етаблирано во ликовната мапа на светот, истакнува Михајловски.
Извор: Дневник