На 10.10.2016 во Крива Паланка се одржа Инфо ден за програмата „Еразмус плус“ како дел од новиот циклус на промотивни активности за програмата „Еразмус плус“ во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Македонија.
Претставници на Агенцијата ја претставија програмата на Европската комисија во делот на образованието, обуката и младите, „Еразмус плус 2014-2020“, како и мрежите на ЕУ, „Еуропас“ и „Евридика“. Сите учесници на инфо денот беа охрабрени да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуални мобилности, соработка за иновација и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови на активности. Токму, програмите се со цел учесниците да се стекнат со искуства од своите врсници и колеги од цела Европа.
Програмата „Еразмус плус“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење и обука воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот.
Следни инфо денови Агенцијата планира да спроведе во повеќе градови низ Македонија.