Свечено отворен меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“

Синоќа, 15 септември, во Н.У.Центар за култура, свечено беше отворено второто издание на Меѓународниот театарски фестивал  Свети Јоаким Осоговски, кој се организира под покровителство на Општина Крива Паланка и со финансиска подршка на Министерството за култура.

Фестивалот го отвори државниот секретар во Министерството за култура Дарко Стефановски, кој истакна дека со заживувањето на театарската сцена во Крива Паланка, овој град се поврзува со останатите културни центри во државата.

Фестивалот е убава можност да дојдат до израз креативните енергии, а неговиот меѓународен карактер овозможува да се презентираат театарските случувања, не само во нашата држава, туку и во соседните земји. Како пограничен град, се надевам дека театарската уметност на фестивалот се повеќе ќе се развива во рамките  на пограничната соработка, истакна Стефановски.

Пригодна реч за Меѓународниот театарски фестивал даде  градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Беше огромен  предизвик да го поставиме темелот на сопствен театарски фестивал и да ја направиме оваа, можеби скромна сцена, средиште на изразување на различните театарски форми. Полека го пробиваме патот на сопственото театарско вообличување и се надеваме дека со растежот на фестивалот, во годините што доаѓаат, тој ќе се етаблира во препознатливо и престижно културно збиднување, со знаменити обележја на самиот простор на кој се случува. Очекуваме во иднина на кривопаланечката сцена да продефилираат професионални и реномирани театри, врвни актери и претстави, кои ќе побудат интерес кај гледачите и ќе го оплеменат нивниот дух, истакна градоначалникот Алексовски.  (Говор на градоначалникот, Арсенчо Алексовски на отварањето на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“)

На отварањето на фестивалот настапи и Староградското друштво Распеани Кривопаланчани, а фестивалската програма започна со бравурозната изведба на Народниот театар Јордан Хаџи КонстантиновЏинот, кој се претстави со култната претстава Мушичка. Публиката во преполната сала, со овации и воодушевување ги поздрави гостите од Велешкиот театар за нивното извонредно актерско остварување, а Градоначалникот им врачи плакета во знак на благодарност за учество на фестивалот.

Вечерва на програмата е претставата Женско царство, во изведба на Општинскиот драмски театар од Ќустендил, Бугарија. Претставата започнува во стандардното време, во 19 часот, како и останатите претстави од фестивалската програма. (Програма на фестивалот)

     
     
Големина на фонт
Контраст