На ден 19.11.2016 година, сабота во 19 часот во Градската Галерија при ЛУ Градски Музеј – Крива Паланка беше отворена изложба на уметничка фотографија под наслов „ Два света “ од Димитар Чунговски-Чунга.
Димитар Чунговски – Чунга е роден 1979 г. во Битола. Учествувал во педесетина домашни и меѓународни групни изложби на фотографија, каде има освоено поголем број на награди и признанија.
Душко Јовановски од МКЦ за него ќе рече: „Димитар Чунговски-Чунга е еден од најзначајните млади македонски фотографи чие што творештво не може да се одмине. Воден од кредото дека значењето на авторот не се мери според бројот на создадени фотографски творби туку според досегот на неговиот творечки замав и уметнички ефект, тој создава маркантни фотографии што на извесен начин и претставуваат авторски белег. Притоа, своето раскошно фотографско мајсторство не го ограничува во еден омеѓен простор, туку во ист жар и творечка инвентивност создава во повеќе фотографски жанри, битно придонесувајќи за својот растеж и на македонската фотографија. Впрочем неговите фотографски творби се верификувани со многу стручни награди и признанија на домашни и меѓународни изложби на уметничка фотографија.
На оваа самостојна изложба авторот се претстави со 42 избрани фотографии од неговото творештво. Како што вели тој „ Изложбата концепциски е сочинета од два света: во првиот се претставени фотографии создадени со фотомонтажа, а во вториот дел се претставени претежно лајф мотиви за да заврши со фотографијата „Сон“ во која се спознаваме самите себе или другата личност во нас, дали сето тоа е реалност или е сон.
За сите заинтересирани љубители на уметничка фотографија изложбата ќе биде отворена наредните 15 дена.
[embpicasa id=”6355736891475503313″]
ЛУ Градски Музеј – Кр. Паланка