Во рамките на планирањето на Буџетот за 2017 година, во организација на Општина Крива Паланка, на 22.11.2016 година (вторник) со почеток во 12:00 часот, во ресторант „Облаче“ се одржа втората буџетска форумска сесија.
На Форумот граѓаните со своето партиципативно учество, дадените предлози и препораки и посочување на приоритетните проекти во нивните населени места, учествуваа во распределбата на буџетските средства во општината и креирањето на Буџетот за следната година.
Општина Крива Паланка се заблагодарува на сите граѓани кои активно се вклучија во креирањето на Буџетот на Општина Крива Паланка за 2017 година, а со тоа и го дадода својот придонес во развојот на локалната заедница.
Транспарентноста во креирањето на Буџетот, Општина Крива Паланка ја практикува по трет пат, а со цел да им излезе во пресрет на барањата и потребите на граѓаните за овозможување и создавање на квалитетни услови за живеење.
На форумот присутните ги поздрави Градоначалникот Арсенчо Алексовски, кој истакна дека Форумот е извонреден начин граѓаните да се запознаат со општинскиот буџет и да даваат свои предлози за приоритетните буџетски програми и проекти. Градоначалникот ги покани присутните граѓани слободно да предлагаат и ги дадат своите предлози, а општината сето она што е издражано и во рамки на можностите ќе се потруди да биде прифатено и да биде дел од буџетот за следната година.
Целта на буџетскиот форум е граѓаните да добијат целосен увид во приходите и расходите на општината и со свои предлози да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет за 2017 година, во рамките на стратешкиот развоен план и приоритетите за развој на општината за наредната година.
На втората форумска сесија граѓаните дискутираа и ги дадоа свои предлози и видувања за 5 буџетски програми за приоритети за развој на општината за 2017 година, кои би можеле да влезат во општинскиот буџет, во зависност од надлежностите на општината, расположивите средства и оправданоста на предлозите.
[embpicasa id=”6356126518354157825″]