Од вкупно 91 предлози на граѓаните, што произлегоа од буџетскиот форум, општина Крива Паланка прифати 63 предлози кои ќе станат дел од програмите на Буџетот за 2017 година. Овие граѓански предлози, како приоритети за развој за идната година, од страна на општината, се оценети како реални и потребни за локалната заедница во подобрувањето на квалитетот на живот на населението.
Резултатите од буџетскиот форумски процес ги презентираше градоначалникот Арсенчо Алексовски, кој истакна дека општината во континуитет три години по ред го подготвува буџетот на општината во консултација со граѓаните. Се заблагодари на граѓаните за нивното одвоено време и учество во креирањето на буџетот на општина Крива Паланка за 2017 година.
Иако имаме и други форми на претставување на граѓански идеи, сепак буџетскиот форум како модел на демократско учество на граѓаните при донесуваето на одлуки на локално ниво, се покажа како најмасовен и најпродуктивен. Граѓаните даваат предлози за решавање на нивните проблеми и ги претставуваат своите потреби, а ние како општина се трудиме се она што е во рамките на нашите можности да го вкомпонираме во буџетот, потенцираше Алексовски.
[embpicasa id=”6363140696503703889″]