Концерт на Васо Ристов и Наташа Трбојевиќ во Крива Паланка

Кривопаланечката јавност имаше можност да присуствува на концерт на проф. Васо Ристов, на труба  и м-р Наташа Трбојевиќ на пијано во соработка професорката по музичко Лариса Жулина- Митовски, под чијашто диригентска палка работи оркестарот.
Концертот се одржа во малата концертна сала во основното општинско училиште Јоаким Крчовски, Крива Паланка, во чиишто рамки и функционира овој оркестар во мешан состав: блок-флејти, металофони, синтисајзер и гитари.
-Работата на професорката Жулина – Митовски ја следам долго време, бидејќи преку Биро за развој на образование сум дел од разни жирија на училишни и разни други државни натпревари по музичко, каде оваа професорка многу често со учениците освојува бројни први награди. Согледувајќи ја работата, посветеноста и резултатите кои ги бележи, дојдовме на идеја, да оствариме соработка, на релација Факултет за музичка уметност, Скопје – музичка паралелка при основно школо до земјава, прва досега од ваков вид, истакна Ристов.
На програмата беа изведени: концерт во г-дур од Антониот Вивалди, „Аве Марија“ од Качини, „Мелодија“ од Петров, трите на соло труба и клавир, со ансамблот на Жулина-Митовски, додека Ристов и Трбојевиќ настапија и со мини-концерт со осум композиции од Корсаков, Бородин, Молканов, Дворжак, Пучини и други.
-Ова е одлична можност моите ученици, музичари кои љубовта кон мелодијата и класичните ноти ја негуваат низа години, да бидат дел од сцената на која настапија виртуозите Ристов и Трбојевиќ, кои ги полнат концертните сали ширум Европа и Америка, посочи Жулина – Митовски.
Според неа, на овој концерт имаа привилегија да учествуваа дечиња на возраст од 9 до 15  години, извонредни музички таленти, од кои повеќемина се освојувачи на бројни први награди на меѓународни фестивали за класична музика.
Концертот на Ристов и Трбојевиќ е проект поддржан од Министерство за култура на Република Македонија.
Големина на фонт
Контраст