Изложба „Ана Франк-Историја за денес“

Изложбата „Ана Франк – Историја за денес“ ќе бите свечено отворена на 12.05.2017г.(петок) во 20 часот во Локалната установа Градски Музеј – Крива Паланка во соработка со Средното пштински училиште „Ѓорче Петров“.

Градскиот музеј изложбата ја организира во чест на 9-ти мај – Денот на Европа.

Она што ја прави оваа изложба поинаква од другите  е што водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, средношколци, кои поминале обука за да ја раскажат приказната на Ана Франк.

Градскиот музеј во соработка со Средното општински училиште „Ѓорче Петров“ организира неколку часовна обука за десетина ученици, која ќе се одржи на 12.05.2017 г.(петок) од 10 до 17 часот во просториите на музејот.

Патувачката изложба „Ана Франк – Лекции за сегашноста“ претставува збир од триесет и девет изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за денес“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.

Изложбата досега има посетено четириесетина земји, а во Македонија отворањето беше во Министерството за надворешни работи, во чест на обележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, 27ми Јануари.

Девојчето кое во целиот свет е препознаено како симбол на децата жртви на холокаустот е родено во Франкфурт 1929 година. Четири години подоцна со семејството се сели во Аместердам откако во Германија на сила стапуваат закони против Евреите. На почетокот на нацистичката окупација, семејството Франк се сели во тајно засолниште, каде Ана во текот на две години го пишува својот дневник. Воавгуст 1944 е напишан последниот запис во дневникот. Откриено е засолништето на нејзиното семејство и петнаесетгодишната Ана умира во логор. Единствениот преживеан член на нејзиното семејство е Ото Франк, нејзиниот татко, кој го објавува дневникот.

Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“ поддржан од Европската унија. Во рамки на проектот воден од Ана Франк Хаус, а во соработка со организациите МОФ, ХЕРМЕС, Младинска иницијатива за човекови праваи Отворена комуникација, изложбата е достапна за младите од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.

Извадоци од Дневникот на Ана Франк:

„ Тешко е во вакви времиња: идеалите, соништата и надежта растат во нас, и веднаш ги прегазува суровата реалност. Живо чудо што се уште се немам откажано од моите идеали, кои се чинат толку апсурдни и непрактични. Се уште се држам до нив затоа што верувам,и покрај се , дека луѓето се вистински добри по природа“

„Јас живеам во лудо време.“
„Колку е прекрасно тоа што никој не треба да чека ниту момент за да почне да го подобрува светот.“

Ана Франк

 Проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење в осовременото време и случувања, целта на Anna Frank House и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.

 

Со почит,

ЛУ Градски Музеј – Кр. Паланка

Големина на фонт
Контраст