На денешната седница советниците од општинскиот Совет на Крива Паланка го усвоија буџетот за 2018 година кој ќе изнесува вкупно 200 милиони и 296 илјади денари.
Како што истакна раководителот на Одделението за финансиски прашања, Драгица Митровска, при креирање на буџетот почитувани се начелата на: економичност, рационалност во трошењето преку дефинирани програми, транспарентно планирање, искористување на капиталните расходи, како и спроведување на дисциплинирана потрошувачка во насока на рестриктивна и ригорозна контрола на помалку продуктивни трошоци без да се наруши нормално функционирање на буџетските институции.
-Општиот дел на буџетот ги содржи приходите, кои според проекциите во 2018 година се планира да изнесуваат околу 382 милиони денари, вкупните расходи се 376 милиони денари, а одлив на сретства за отплата на заем ќе има 5 милиони денари. Посебниот дел на буџетот содржи и дел нови програми: изборни активности, месни самоуправи, одржување урбана опрема, одржување зеленило и спорт и рекреација и истиот ќе изнесува вкупно за сите Програми, заклучно со постојните, во кои се вклучени и израдба и одржување јавни патишта, изградба на водоснабдителни, пречистителни системи и други комунални услуги, со вкупно основен буџет 200 милинои 296 илјади денари, посочи Митровска.
За дотации за средно, основно образование, градинка и противпожарна заштита се проектирани вкупно 162 милиони денари.
По донесена Одлука на седница на Советот, во буџетот за следната година е планиран и развоен дел, кој вклучува програма за јавно осветлување, со вкупна вредност од 6 ,1 милиони денари, од кои во 2018 ќе се потрошат 1,1 милион денари, додека во 2019 и 2020 година ќе се потрошат по 2.5 милиони денари.
-Основната цел на оваа Програма е подобрување на услугата за јавно осветлување и намалување на потрошувачката на електрична енергија, преку инсталација на штедливи светилки, додаде Митровска.
Од вкупните расходи, капитални расходи се 66 милиони денари, кои ќе се искористат за купување на опрема за новите-реконструирани општински сали, градежни објекти, покривање на терасата на новата општинска зграда, како и подотовка на проекти, како и надомест за одземен имот, додека тековно-оперативни расходи се планирани со буџет од 134 милиони денари.