Голема еколошка акција „Почиста животна средина за подобра иднина“

Општина Крива Паланка предводена од градоначалникот Борјанчо Мицевски продолжува со  еколошки активности за расчистување на  уредените и неуредените зелени  површини во градот и приградските населби. Во тој контекс како и по повод претстојните еколошки денови, денот на пролетта и на планетата Земја,  на 17 март (сабота) ќе се спроведе голема еколошка акција под наслов „Почиста животна средина  за подобра иднина“ во која предводници ќе бидат младите лица од општината односно од општинските училишта и Јавното комунално претпријатие „Комуналец“. Исто така во акцијата ќе се вклучи и локалната администрација, администрацијата на ЈКП, граѓански здруженија и заедници на станари и други субјекти и лица.

Во оваа акција е предвидено чистење на 50 површини и простори  како што се: уредени регулациони речни корита,  споредни паркови и зелени површини, околина на автобуска станица, околина на училиштата, околина на спортско рекреативниот центар и градски базен, пристапите и околината на манастирот, покрај споредни патишта, игралишта, слободни површини и површини на  други локации и локалитети.

Во акцијата од страна на ЈКП Комуналец ќе бидат исчистени и одредени поголеми депонии како што се депонијата на излез од населба Лозаново кон село Градец, депонијата на крај на улица „Осоговска“, депониите во Дренчка мала и кај Ловачки, депонијата под Варовишки гробишта покрај новиот асфалтен пат кон манастирот, регулационото корито на долот во населба „Единство “ и на  други помали локации.

Почитувани граѓани, граѓански здруженија, невладини организации, заедници на станари, правни лица, институции и организации Ве повикуваме  да се вклучите и да дадете свој придонес во чистењето на животната и работната средина , во чистењето  на просторите и површините пред објектите, пред своите домови и дворови . Ова не го правиме за некој друг туку за самите себе  за нашата иднина .

Во каква животна средина ќе живеме, работиме или претстојуваме зависи од самите нас. Многу е битно и каква животна средина ќе им оставиме на нашите деца, на нашата иднина.

Биди совесно лице на општината – Вклучи се во акцијата.

Големина на фонт
Контраст