Одделението за инспекциски надзор и контрола ги известува сопствениците на парцели дека согласно член 14 од Законот за зеленило ( „Сл. Весник на РМ бр.71/2016 година“), секој сопственик на парцела е должен да го одржува зеленилото и редовно да ги кастри дрвјата, грмушките и живата ограда кои се излезени со својот обем надвор од дворните места односно надвор од парцелите и му пречат на безбедното одвивање на сообраќајот или на движењето на минувачите.
Доколку сопственикот на парцелата не изврши кастрење на дрвјата, грмушките и живата ограда кои му пречат на безбедното одвивање на сообраќајот или на движењето на минувачите, кастрењето на дрвјата и друг вид на вегетација ќе го изврши надлежен орган определен од страна на Општината, а на трошок на сопственикот на парцелата.
Надлежен орган за кастрење на дрвјата определен од страна на Општината за оваа 2018 година е ЈП Комуналец – Сектор за зеленило, кој кастрењето на дрвјата ќе го спроведува по службена должност, со налог на општинскиот комунален инспектор или по писмено барање на правно или физичко лице.
Инспекциско редарската служба спроведува редовна контрола на јавните и сообраќајни површини и ги опоменува сопствениците на парцелите. Во текот на овој месец известени и опоменати се 53 сопственици на парцели, од кои 50 сопственици постапиле и лично извршиле кастрење додека кај три сопственика по налог на комуналната инспекција кастрењето го има спроведено надлежниот орган.