Се известуваат граѓаните на Општина Крива Паланка дека во изминатиов период забележана е појава на вандализми и неприкладно однесување при што е предизвикано оштетување или уништување на јавните добра и имот и се причинети значителни материјални штети. Најчеста мета на вандалите се: канделабри од јавното осветлување,сијаллици, огради, контејнери, корпи за отпадоци, јавно зеленило, парковските уредени површини и слично.
Општина Крива Паланка, претставувана од градоначалникот, смета дека ваквото однесување е недозволиво и на штета на сите граѓани на општината при што се нарушува јавниот изглед и се прават непотребни трошоци за секојдневно санирање на направените штети.
Со цел да се застане на патот на овие неодговорни лица, општината ќе поднесе соодветна пријава до надлежните полициски служби за да се овозможи откривање и законско санкционирање на сторителите. Во тој правец се замолуваат сите совесни граѓани доколку имаат некакви сознанија за сторителите на вакви недолични дела истите да ги пријават до општинските редарски или инспекциски служби, до полицијата, на страницата на е-Општина Пријави проблем, писмено до општинската архива или на телефон 075 236 557 кај Велиновски Бранко.