Почитувани граѓани,
На автоматската радиолошка мапа на Европа од пред неколку дена има индикација за високо Гама зрачење во околината на Крива Паланка.
Во оваа прилика, а преку ова соопштение, Општина Крива Паланка ги информира сите граѓани на Општината дека нема место за паника, бидејќи параметрите на автоматската радиолошка мапа на Европа се нетранспарентни и нерелевантни како такви, од причини што на ден 20.06.2019 година мерната станица за јонизирачко зрачење е однесена во Скопје за рутинско одржување и поправка на детекторот и нормално е при такви технички дејствија истата да покажува пикови и нереални мерења кога над неа се врши тестирање. (https://sites.google.com/site/rzzzdozimetrija/dejnost/doza-vozduh)
Општина Крива Паланка за проверка на овие податоци го контактираше Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, како надлежна институција за спроведување и следење на директивите на Меѓународната Агенција за атомска енергија и од нивна страна беше дадена потврда за нереалните параметри за јонизирачко зрачење во околината на Крива Паланка.
Институтот за јавно здравје на ден 20.06.2019 година на својата веб страница има објавено соодветно известување дека заради технички неправилности во својата работа, две од мерните станици во Крива Паланка и во Берово се во фаза на поправка, поради што отчитувањата во кои имаше пикови, не се резултат на реално измерената доза на јонизирачко зрачење. https://sites.google.com/site/rzzzdozimetrija/
Општина Крива Паланка во координација со Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија уште еднаш појаснува дека нема потреба од паника и шпекулации, како и дека мерната станица, по отстранувањето на појавените дефекти ќе биде вратена во Крива Паланка и ќе продолжи редовно и точно да дава параметри за јонизирачкото зрачење во околината на Крива Паланка.
Со почит,
Крива Паланка
26.06.2019 година
ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА
Градоначалник
Борјанчо Мицевски