Општина Крива Паланка и НВО Инфоцентар Скопје Ве покануваат на презентација на Мониторинг извештајот за транспарентност на локалната самоуправа на Крива Паланка, која ќе се одржи на 4 ноември, во 12 часот, во големата сала на општината.
Наодите од извештајот ќе ги презентираат градоначалникот на Крива Паланка г-н Борјанчо Мицевски и претставник на НВО Инфоцентар од Скопје.
НВО Инфоцентарот, во соработка со Регионалниот центар за соработка „Спектар“, Центарот за младински иницијативи „Цик-цак“ и Норгес Вел од Крива Паланка, спроведе квалитативен мониторинг на транспарентноста на општинските власти спрема граѓаните и на механизмите за вклучување на граѓаните во процесите на креирање и спроведување локални политики.
Набљудувањето беше реализирано во периодот мај – септември 2019 година. Во текот на мај беа спроведени квалитативни интервјуа преку структурирани прашалници, со неколку претставници од општината и руралните месни заедници. Исто така, во мониторингот беше вклучена и анализа на клучните документи на општината, како и на нејзината официјална интернет-страница.
Во овој извештај се содржани клучните наоди и препораки за локалните власти во насока на унапредување на квалитетот на комуникацијата со граѓаните и нивно активно учество на локално ниво.
Оваа активност е дел од проектот „Активни граѓани и партципативна демократија на локално ниво“, поддржан од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.
Се покануваат сите заинтересирани граѓани да ја проследат презентацијата и да се запознаат со механизмите, алатките и степенот на транспарентност на Oпштина Крива Паланка, како и да учествуваат со свои предлози за поефикасна и отчетна локална самоуправа.