Со оглед дека подрачјето зафатено со болеста африканска чума кај свињите во соседна Бугарија се шири со несмалена брзина, и веќе имаме регистрирани случаи во близина на граничната линија, постои реална можност за пренесување на истата на територија на Општината Крива Паланка.
Африканската чума е вирусно заболување кај домашните и дивите свињи и предизвикува огромни загуби кај овие животни. Вирусот се излачува преку крв,ткива, секрети од болни или угинати животни, а се пренесува и шири со директен контак т меѓу здраво и болно животно, преку заразени месни продукти и храна, преку крлежи, отпадоци од храна, опрема, возила и облека.
Од аспект на тоа дека оваа болест може да предизвика големи економски загуби и штети и за државата, и за домаќинствата, Општина Крива Паланка во насока на превенција ги информира граѓаните со следниве законски мерки:
– Забрането е одгледување на свињи во урбаното подрачје,
– Забрането е колење на животни на отворен простор и
– Забрането е колење на животни на јавни површини
Се препорачува на сите граѓани од приградските и селските населби да се воздржат од одгледување на овие животни, посебно на подмладок во овој критичен период. Оние кои сепак на нивен ризик ќе се одлучат да одгледуваат свињи не смеат да ги пуштат истите надвор од одгледувалиштата. Одгледувачите веднаш да пријават до ветеринарната станица доколку забележат чудни појави и однесување кај овие животни. До колку и кај некое животно се забележат симптоми на болеста, ниедно од животните не смее да го напушти тоа одгледувалиште, штала или подрачје во радиус од 3км. Од одгледувалиштето не смее да се изнесуваат животните, производи од животинско потекло, опрема, измет и ѓубре.
Се апелира до граѓаните ако случајно приметат труп од угината домашна или дива свиња веднаш да ги известат надлежните инспекциски служби.