Општина Крива Паланка нуди можност на членови на социјално загрозени семејства, да преку извршување на јавни работи, си подобрат еден месечен семеен буџет.
Советот на Општината Крива Паланка на една од последните седници усвои дополнување на Програмата за социјална, здравствена и детска заштита за 2022 година, со вградување на можност за ангажирање на дваесетина лица-корисници на гарантирана минимална помош за спроведување на јавни работи до крајот на годината односно по околу десетина лица месечно . Преку овие активности од една страна се помага на социјално ранливи групи на лица, социјализација на истите, а пралелно и се спроведуваат активности и работи од јавен интерес за граѓаните и заедницата. Со други зборови целта на оваа програма е да се подобрат семејните буџети на одредени групи на социјално ранливи семејства и лица.
Ангажираните лица ќе спроведуваат јавни работи од видот на: чистење на улици и локални патишта, чистење на водотранспортни објекти, собирање на паднати лисја на јавни и зелени површини површини, собирање на отпад и чистење на депонии, подигање и одржување на зелени површини, чистење на снег од јавни површини и други слични јавни работи по потреба.
Временскиот период на ангажираните невработени лица ќе изнесува 22 работни дена односно еден месец за едно лице, кое користи минимална парична помош. Месечниот надоместокот за вршењето на јавните работи ќе изнесува 11.000 денари или 500 денари дневно, со платен персонален данок и осигурување од повреда при работа.
За време на ангажирањето за вршење на јавни работи на корисниците на минимална парична помош нема да им се укинува социјалната помош која ја користат.
Заинтересираните лица може да се информират и пријават кај определеното лице за јавни работи на контакт тел. 075/236-557.
Избор на пријавените кандидати и распоредување на истите на месечно ниво ќе го спроведува соодветно определена Комисија.