Известување за вршење на трговија на мало во ден недела и на празници кои се определени како неработни денови и пријава на работното време

  1. Можност за вршење на трговија на мало во ден недела и на празници

Согласно последните изменување и дополнување на Законот за трговија (Службен весник на Република Северна Македонија бр 295/21 и 150/22), трговијата на мало не може да се врши во ден недела и на празници освен кај следните исклучоци согласно член 25 став 5 на именуваниот закон и тоа:

1) во продавници, киосци и штандови во туристички места утврдени со Законот за туристичка дејност;
2) на бензинските станици и во продавниците на бензинските станици во чии рамки се врши трговија на мало;
3) во трговски центри (молови) кои ги исполнуваат минимално техничките услови согласно со прописот од членот 22 став 2 од овој закон;
4) во слободните царински продавници;
5) на штандови и киосци каде што се продава добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела;
6) во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и
7) на зелени пазари и на цветни пазари.

Овие исклучоци може на следните празници кои се определени за неработни денови во членот 2 од Законот за празниците на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр. 21/98 и 18/07) да работат и тоа:

државни празници:
-24 Мај, “Св. Кирил и Методиј”-Ден на сесловенските просветители;
-2 Август, Ден на Републиката;
-8 Септември, Ден на независноста;
-11 Октомври, Ден на народното востание;
-23 Октомври, Ден на македонската револуционерна борба и
-8 Декември, “Св. Климент Охридски”

други празници:
-1 Јануари, Нова година;
-Божик, првиот ден на Божик, 7 јануари според православниот календар;
-Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар;
-1 Мај, Ден на трудот и
-Рамазан Бајрам, првиот ден на Рамазан Бајрам

За работа во ден недела и на празници, трговците на мало согласно член 25 став 11, а поврзано со член 26 став 2 и 5 од Законот за трговија, се должни да поднесат пријава за работното време во Централниот регистар на Република Северна Македонија најмалку 15 дена пред почетокот на работењето, односно пред измената на часот на почетокот и часот на завршувањето на работното време, времето за пауза и распоредот на работното време. По евидентирањето на пријавата, Централниот регистар му издава потврда на трговецот и истото го објавува на својата веб страница.

Додека пак, продавниците на бензинските станици и продавниците, киосци и штандови во трговски центри (молови) се должни согласно член 25 став 12 од Законот за трговија работното време да го пријават во Централниот регистар на Република Северна Македонија најдоцна до 5 јануари во тековната година, и потврда од пријавеното работно време да достават до Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд. Понатаму, до 15 јануари во тековната година се должни да уплатат надоместок во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници, кои средства ќе се инвестираат во Фондот за развој и човечки капитал, согласно член 25 став 10 од Законот за трговија.

Примената на  надоместок во висина од 2%  важи од 1 јануари 2023 година, а ќе се пресметува на вкупниот приход остварен во ден недела и на празници во 2022 година. Уплатата на надоместокот треба да се изврши до 15 јануари 2023 година на образец (ПП50), и секоја наредна година последователно на вкупниот приход остварен во претходната година. Следете го теркот на образецот (ПП50)

Согласно член 25 став 13 на Законот за трговија, трговците на мало се должни да го почитуваат следното работно време за работа во ден недела и на празници, и тоа:

  • продавници, киосци и штандови кои се наоѓаат во туристички места утврдени со Законот за туристичка дејност, ќе работат од 08:00 до 22:00 часот
  • продавниците на бензинските станици во чии рамки се врши трговија на мало, ќе работат од 00:00 до 24:00 часот
  • продавници, киосци и штандови во трговски центри (молови), ќе работат од 10:00 до 20:00 часот
  • слободните царински продавници, ќе работат од 00:00 до 24:00 часот
  • штандови и киосци каде што се продава добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела, ќе работат само за време на настан
  • продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата, ќе работат 8 часа што самиот сопственик ќе го уреди
  • зелени пазари и на цветни пазари, ќе работат од 80:00 до 14:00 часот.

За нивното работење во ден недела и на празници согласно член 25 став 7 од Законот за трговија,  ќе се исплаќа додатокот на плата кој изнесува најмалку 100%, за секој час поминат на работа.

 Трговија на мало според член 11 од Законот за трговија, е продавање на стоки на крајните потрошувачи, односно се смета трговија на стоки за лична потрошувачка и трговија на стоки за потребите на домаќинствата.

Tрговија на големо не смее во целост да се врши во ден недела и на празници.

Според член 9 и 10 на Законот за трговија, под трговија на големо е купување на стоки заради натамошна продажба на трговци, преработувачи и големите потрошувачи во земјата и странство, без оглед на тоа дали стоката е продадена во неизменета или во изменета состојба по обработка, преработка или доработка. Трговија на големо се врши во магацини, складови за трговија на големо, на пазарите за трговија на стоки на големо, како и во други деловни простори.

  1. Појаснување на поимот туристичко место и опфат на туристичко место согласно Законот за туристичка дејност

За да се врши трговија на мало во ден недела и на празници во продавници, киосци и штандови во туристички места утврдени со Законот за туристичка дејност, се користи следната дефиниција на туристички места утврдени со Законот за туристичка дејност.

“Туристичко место” претставува подрачје или дестинација кое како организациона и функционална туристичка целина располага со природни, културни, историски и други знаменитости од значење за туризмот, комунална, сообраќајна и туристичка инфраструктура, како и објекти и други содржини за сместување и престој на туристите.

Во Република Северна Македонија се присутни скоро сите услови како фактори за разој на туризмот. Како најзначајни туристички места се сметаат:

2.1. Езерски туристички места

Езерски туристички места во Република Северна Македонија се Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Тие имаат чиста и релативно топла вода, пријатна за капење. Покрај нив се изградени поголем број туристички објекти (хотели, мотели и ресторани). Охрид, Струга, Дојран и Преспа.

2.2. Планински туристички места

Планински туристички места во Република Северна Македонија кои се најпривлечни и најразвиени се: Попова Шапка на Шар Планина, Маврово на Бистра, Нижеполе и Копанки на Пелистер, Крушево на Бушева Планина и Пониква на Осоговските Планини.

Тие имаат услови за летен рекреативен, зимско-спортски и за ловен туризам. Во некои од нив се присутни карактеристични населби како што се: Галичник кој е познат по манифестацијата Галичка свадба, Крушево како највисок град на Балканот, со мошне пријатна клима, Маврово како комбиниран зимско-спортски и езерски центар.

2.3. Рурален и алтернативен туризам

Според „(WTO)„ Светска туристичка организација Поимот „Рурален Туризам„ се користи тогаш кога руралната култура е клучна компонента на производот и понудата на дестинацијата. Како издвоени примери за развиен рурален туризам во Република Северна Македонија можат да се наведат: Берово, Крива Паланка, Брајчино и Вевчани.

 2.4. Скопје како туристичка дестинација

Имајки предвид дека Скопје е главна туристичка дестинација согласно бројот на туристи во Република Северна Македонија како најатрактивни туристички места во Скопје може да се одвојат: Старата Скопска Чаршија, Скопскиот плоштад, Кањонот Матка, и Скопското Кале.

 2.5. Стари чаршии како туристичка атракција

Имајки предвид дека во Република Северна Македонија речиси во сите поголеми градови имаат чаршии кои се атрактивни како за домашни така и за странски туристи може да се одвојат за најзначајни и тоа: Охридската, Струшката, Битолската и Прилепската Чаршија.

Големина на фонт
Контраст