Големо невреме и поројни врнежи од дожд попладнево, 16.6.2023 ја зафатија Општина Крива Паланка и предизвикаа дотекување на доловите и излевање на реките. Однесени се пешачки мостови, поплавени неколку домови, настанати се одрони и свлечишта и големи материјални штети.
Итен состанок одржа општинскиот Штаб за заштита и спасување, на кој по дадените известувања, согледувања и предлози од страна на членовите на штабот и останатите присутни беа донесени следните заклучоци:
1. СЕ ЗАКАЖУВА нов состанок на штабот по будно следење на состојбата и дежурства и активности на терен на задолжените служби на 17.6.2023( сабота),
2. СЕ ЗАДОЛЖУВА ОВР Крива Паланка со дежурни екипи да ги обележат критичните точки на патните правци и да ги обезбедуваат во текот на ноќта
3. СЕ ЗАДОЛЖУВААТ стручните лица, инженери од Општина Крива Паланка заедно со стручни лица од ЈП Комуналец и ЈП Македонија пат да направат распоред на градежна механизација по локации
4. СЕ ЗАДОЛЖУВААТ ЈП Комуналец и општинскито инспекторат да ги ангажираат во 8:00 часот на 17.6.2023 лицата за општо-корисна работа, вработени во сектор Паркови и зеленило и работници од КПУ одделение Крива Паланка за расчистување на наносите во кејот, да се расчситат јавните површини и да се изврши перење на улици
5. СЕ ЗАДОЛЖУВААТ службите од Општина Крива Паланка и МВР да издадат забрана за сообраќај на критични патни правци, забрана за движење на пешачки мостови со забрана за движење на луѓе во речно корито
6. СЕ ЗАДОЛЖУВА ЈП Национални шуми да изврши сечење на гранки и стебла во доловите и речните корита
7. СЕ ЗАДОЛЖУВААТ службите да изготват известување до ЕВН за детекција и санација на потенцијални опасности во електирчната мрежа.
8. СЕ ЗАДОЛЖУВА ОУД Боро Менков да бидат ставени на располагање сите капацитети за сместување при евентуална потреба од згрижување на семејства од загрозени објекти.