Најстрого се забранува палење на стрништа и земјоделски отпад при чистење на ливади, земјоделски поседи и дворови во екот на претстојните пролетни расчистувања на имоти и останати површини – беше укажано на денешниот координативен состанок на градоначалникот со надлежните служби и инспекциското одделение од општината, на кој се разговараше за состојбата со хидранстска мрежа на подрачјето на општината и состојбата за противпожарна заштита.
Периодов има зачестена појава пожари на отворен простор во нашата општина, кои во најголем дел се предизвикани од крајно невнимание на несовесни граѓани,при чистење на земјоделските поседи, при што пожарот излегува од контрола, се опожаруваат големи површини, се причинува голема материјална штета, како по природата, животната средина и биодиверзитетот, така и по имотот на граѓаните.
Поради тоа, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, во координација со командирот на ТППЕ, Крива Паланка, Иле Коцевски, изрично посочија граѓаните да се однесуваат крајно совесно, да не палат стрништа и да не предизвикуваат пожари.
Согласно Законот за земјоделско земјиште, Законот за шумите, Законот за ловство, Законот за заштита и спасување, Законот за отпад, Законот за амбиентален воздух, Законот за заштита на животната средина и природата, Законот за облигационите односи и многу други закони и подзаконски акти, предвидени се одредби дека секој граѓанин е должен да се однесува соодветно во животната средина, да преземе мерки за заштита од пожари на земјоделското земјиште, на шумите, на ловиштата, да ја заштити животната средина и природата, како и да го заштити амбиенталниот воздух од загадување.
Согласно важечките закони за ваквите негативни појави предвидени се големи казни. Глобата за предизвикување на пожар изнесува до 3000 евра во денарска противвредност, како и покренување на постапка за сторено кривично дело.
Доколку било кој се однесува спротивно на наведените закони и намерно или од крајно невнимание предизвика пожар со што ќе причини штета на физички или правни лица, должен е покрај глобата што ќе ја плати во прекршочната постапка, да ја надомести и предизвиканата штета.