Во чест на Денот на Европа „9-ти Мај“, Општина Крива Паланка, во соработка со ЕУ инфо центарот и Делегацијата на ЕУ во РМ, организира пригодни свечености во прилог на европскиот идентитет на сите народи на европскот континент.
По тој повод, на 6 мај (среда), во Градскиот музеј од Крива Паланка, со почеток во 13 часот, ќе се одржи музички перформанс „ЕВРОПА БЕЗ ГРАНИЦИ“ на кој ќе настапат ученици од нижото музичко училиште при ООУ„Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка.
Централната свеченост е закажана за 8 мај (петок), на Градскиот плоштад во Крива Паланка, со почеток во 12 часот, каде преку повеќе креативни форми ќе се промовираат и афирмираат европските вредности.
На свеченоста свое обраќање ќе имаат градоначалникот на Крива Паланка, г-дин Арсенчо Алексовски и конзулот на Република Чешка во РМ, г-дин Павел Духоњ.
Настанот ќе биде збогатен со културно-уметничка програма на која ќе настапат учениците од двете основните училишта во општината, фолклорните друштва, КУД Карпош, КУЗ Фолклористи и КУД 8-ми Октомври, како и најмладите од детската градинка „Детелинка“.
Погледот кон Европа, преку перото и боите на младите уметници, ќе го доловат членовите на Ликовниот клуб при НУ Центар за култура од Крива Паланка и основците и средношколците со свои ликовни перформанси на Градскиот плоштад.
Дел од манифестацијата се и повеќе невладини организации со презентација на своите европски проекти. Ќе се одржи и завршната конференција на проектот „ЈАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНИ”, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија. Проектот е имплементиран од ООУ „Илинден“ од Крива Паланка и Центар за општествена подршка „Да има среќа во детските очи“ од Дупница, Р. Бугарија.
Годинава, од страна на основците од ООУ Илинден и ООУ Јоаким Крчовски, од земјите членки на ЕУ ќе бидат претставени Франција, Германија, Естонија и Чешка. Во 18 часот во салата на Градскиот музеј во организација на СОУ „Ѓорче Петров“ ќе се одржи мултијазична поетска вечер.
Ве покануваме, пригодно да ја одбележиме големата европска идеја за единство, приврзаност, взаемно почитување и заеднички вредности.
Програма за одбележување на Денот на Европа
Општина Крива Паланка
Градоначалник
Арсенчо Алексовски