Општина Крива Паланка активно по втор пат ќе се вклучи во одбележување на Традиционалните Европски акции од масовен карактер „22 Септември“ – Ден без автомобили и „Европска недела на мобилност 2015“ .
Целта на овие активности е промоција на алтернативните форми на сообраќај како пешачење, велосипедизам, користење на јавен превоз, подобрување на условите и можностите за користење на овие алтернативни форми на сообраќај, подобрување на безбедноста на пешаците и велосипедистите во сообраќајот и подигање на јавната свест за зголемена употреба на овие алтернативни форми на сообраќај, пред се употреба на велосипедите.
Промената на начинот на транспорт значи почиста животна средина, намалена бучава, подобро здравје, подобар телесен развој, како и заштеда на семеен буџет.
Целта пак на кампањата по повод Европската недела на мобилност 2015 која оваа година е насловена на тема „Избери, Промени и Комбинирај“ е да се развива дијалог помеѓу засегнати страни од различни аспекти на мобилност, да се предлагаат, променат, комбинираат и изберат нови иновативни сообраќајни решенија, нови технологии или мерки за планирање на урбаниот транспорт пред се планирање и изградба на пешачки, велосипедски патеки како и патеки за лица со телесна попреченост со што би се подобрило безбедното движење и пристапот на сите граѓани во Општината.
Врз основа на претходново Ве информираме дека наведените кампањи во Општина Крива Паланка се организираат на ден 21 и 22 Септември 2015 година.
Првата кампања Ден без автомобили ќе се спроведе со парадно движење на велосипедистите од Крива Паланка на која ќе учествуваат над 270 учесници од училиштата од Општината, претставници на граѓански здруженија и сите заинтересирани граѓани и тоа во временскиот термин од 11,45 до 13,30 часот. Во овој временски термин етапно ќе биде затворена за сообраќај главната улица „Св.Јоаким Осоговски“ на потекот од Кантина до Мотелот. Парадната велосипедската рута за движење ќе започне од Кантина по главната улица се до Спортско рекреативниот центар каде велосипедистите ќе се спуштат низ Спортско рекреативниот центар, а зад спортската сала преку импровизираниот бетонски мост ќе се префрлат на велосипедската патека во речното корито на Крива Река, по која велосипедистите ќе се движат се до стар Градечки мост од каде преку него повторно ќе излезат на градскиот плоштад и ќе се движат се до местото на поаѓање, односно до Кантина.
Заинтересираните граѓани за парадното велосипедско движење може да се вклучат на следниве места :
- Собирно место бр. 1 – пред Кантина (старт 11,45 часот;)
- Собирно место бр. 2 – пред зграда кај Житни -(приклучување на првата група во11,55 часот);и
- Собирно место бр. 3 – кај Градски парк и двор на ООУ „Јоаким Крчовски“( приклучување на групата во 12.10 часот);
Со цел успешна реализација на оваа кампања раководството на Општината Крива Паланка ги повикува граѓаните:
- На ден 22 Септември (вторник) да се воздржат од користење на автомобилите посебно за кратки релации во урбаното подрачје, освен во случаи ако имаат неопходни и итни потреби од употреба на автомобили;
- Исто така на ден 22 Септември (вторник) ги повикува граѓаните кои се во можност и имаат услови можат да се вклучат со свои велосипеди во велосипедското парадно движење;
- Во случај на потреба од употреба на автомобили да ги почитуваат наредбите од службените лица на СВР Крива Паланка, посебно во временскиот термин на движење на велосипедистите.
Во однос на кампањата по повод Европската недела на мобилност од страна на Локалната самоуправа и Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ ќе се спроведуваат следните активности:
- Чистење и уредување на постоечките пешачки и велосипедски патеки;
- Вршење на увиди од страна на општинските службеници на состојбите на постоечките тротоари, велосипедски патеки , пристапни патеки за лица со телесна попреченост, како и согледување за изградба на нови патеки од ваков вид;
ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА
Градоначалник
Арсенчо Алексовски