Општина Крива Паланка активно ќе се вклучи во националната еколошка акција за чистење „Македонија без отпад 2015“ во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање и Асоцијацијата Ајде Македонија.
Оваа акција се спроведува на голобално ниво во 112 земји во светот под наслов “Let’s Do It World”.
Целта на акцијата да се исчисти отпадот кој се наоѓа на несоодветни места во нашата околина, односно да се развие свест кај граѓаните за правилно управување со отпадот.
Акцијата ќе се спроведе на 03.10.2015 година (Сабота) во временскиот термин од 8,30 до 10,30 часот.
Во оваа акција е предвидено чистење на 13 локации на кои се наоѓа несоодветно одложен отпад, односно предвидено е собирање на 130 м3 на неопасен комунален отпад.
Носители на акцијата ќе бидат Локалната самоуправа на Општина Крива Паланка и Јавното претпријатие „Комуналец“ – Крива Паланка чии вработени ќе извршат собирање на отпадот во речното регулационо корито на Крива Река.
Од страна на вработените во ЈП „Комуналец“ ќе бидат исчистени дивите депонии кои се наоѓаат покрај садовите за отпад во населбите Лозаново, Башичево лозје, Скрљава, Единство и Грамаѓе.
Ангажираните работници во Општината ќе извршат чистење на локациите: околу Тораничка зграда, регулација на Домачки Дол, околина на Мотел Македонија, ул. Осоговска и др.
Во акцијата ќе се вклучат и еколошките секции и еко одборите заедно ученичките еколошки патроли на основните училишта и училиштето за средно образование, кои ќе спроведат чистење на својата непосредна околина, регулационото корито на Дурачка Река, паркот на ул. Херој Карпош, околина на игралиштето во населба Скрљава, покрај локалниот пат за Манастирот Св.Јоаким Осоговски и други локации по нивен избор.
Во акцијата ќе се вклучат и вработените во Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување од Крива Паланка и други институции и организации.
Општината ги повикува сите заинтересирани граѓани да се вклучат во акцијата преку чистење на својата непосредна околина.