Се одржа „Првомајски крос 2018“

На градскиот стадион во Крива Паланка денес се одржа традиционалната пролетна спортска манифестација  „Првомајски крос 2018“.

Настанот е во организација на Општински сојуз на училишен спорт и Општина Крива Паланка, под покровителство на градоначалникот , Борјанчо Мицевски и има цел да се омасови спортот во градот, да се оттргнат младите од компјутерите и телефоните и да се стимулираат активно да се бават со спорт. Учествуваа околу 350 дечиња, основци и средношколци, ученици од основните училишта „Илинден“ и „Јоаким Крчовски“ и средното училиште „Ѓорче Петров“  од четврто одделение до четврта година гимназија.

Учениците трчаа на патеки со различна должина, соодветна на возраста, почнувајќи од 200  до 800 метри.

-Ние како локална самоуправа во изминатиот период направивме крупни чекори за да го омасовиме спортот во Крива Паланка. Со волонтерот на мировен корпус Кајл Бутчер работевме две недели на промоција на женски лидери преку спорт, се учествуваше на неколку регионални и државни спортски натпревари, а вчера се отвори и ракометна школа на Металур. Денес ми е чест да видам толкав број млади на спортскиот терен и кросот е само уште една алка која оди во прилог на оттргнување на младите од компјутерите и телефоните, а во иднина уште повеќе ќе работиме во таа насока, изјави Борјанчо Мицевски, градоначалник на Крива Паланка.

Присутните ги поздрави и претставникот од Советот на млади, Коста Спасовски, кој ја претстави програмата за работа на Советот и го истака значењето на спортот за развојот на здрави млади луѓе.

Првопласираните учесниици во сите конкуренции освоија дипломи и медаљи, а најдобрите во секоја категорија добија и специјални награди од градоначалникот.

Големина на фонт
Контраст