Педесетина дечиња од седум до 11 години, момчиња и девојчиња, членови на Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ беа дел од натпреварите кои се одиграа во тек на викендот во првото коло на мини-баскет лигата „Дај пас-победа за нас”.
Лигата што се реализира со грант од локалната самоуправа на општина Крива Паланка е предвидено да опфати вкупно осумдесетина дечиња, кои според одговорните, ќе ја развијат основната моторика, ќе ги воведат во редовен тренажен процес и ќе стекнат здрави животни навики.
– По првично реализираните тренинзи за основни кошаркарски елементи, манипулација со топка, водење, додавање во кошарка, како и координација, агилност, брзина и кондициони тренинзи, формирани се тимови, распоредени по групи-соодветни на возраста, кои вчера и денес ги одиграа првите дуели. Покрај постигнатите кошеви и победата, она што најмногу ги израдува дечињата беа радоста и дружбата, споделената среќа и позитивна енергија, која можност да ја почувствуваат имаа и родителите чие присуство на трибините ги охрабри и мотивира дополнително малите кошаркарки и кошаркари, изјави Ведран Белешковски, претседател на КК „Крива Паланка”.
Натпреварите се одиграа во спортската сала „Петар Поп Арсов” во Крива Паланка, а предвидено е да се реализираат во две полусезони, заклучно со месец октомври, кога ќе се одржи финален турнир за најдобро пласираните екипи, како и ол-стар натпревар.
Проектот има за цел да ги анимира преку спорт најмладите, да создаде здрави млади личности идни градители на заедницата, да ги зајакне нивните психо-физички перформанси преку спорт, а со тоа и самодовербата, новните лидерски способности и да создаде нови можности за младите во локалната заедница преку спортот.
Во рамки на проектот предвидени се и едукативни работилници за хигиена и здрава исхрана, тренинзи со професионални кондициски тренери и кошаркарски тренери/селектори, како и заеднички активности и отворени забавни штафетни игри и баскет со родители.