Синоќа, во ЛУ Градскi Музеј Крива Паланка во присуство на градоначалникот на општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски беше отворена изложбата на дела на академскиот сликар Дарко Аницин од Скопје, насловена „Авторефлексија низ игра“.
Аницин е академски графичар и графички дизајнер кој своето образование го има стекнато во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ и на факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје. Својата креативност ја изразува најчесто, над 15 години, преку ангажмани во областа на графичкиот дизајн, по што е и најпрепознатлив пред широката јавност. Создава графики, цртежи и слики од самите почетоци на своето образование до денес.
-Моето мото и инспирација се сѐ поголемиот тренд на разни психопојави со кои се соочува современиот свет, а во последно време тоа е стресот. Со моите дела упатувам порака до човештвото дека со секоја авторефлексија низ игра се надминува стресот. Колоритската игра е најдобрата можна терапија за анулирање на стресот“ изјави Аницин на отворањето на изложбата.
Инаку изложбата „Авторефлексија низ игра“ е замислена од страна на авторот како патувачка изложба и по нејзниното отворање во Крива Паланка, истата веднаш замина за Виница.