Општина Крива Паланка наскоро добива нов урбан зелен парк на површина од 1800 метри квадратни, зелен катастар и платформа за следење на квалитетот на воздухот, како дел од новиот Европски проект „ПАРКС“ вреден 895.000 евра, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија на Европската унија.
Проектот е потпишан, средствата се обезбедени и Крива Паланка ќе добие урбана пејзажна трансформација на локацијата под комплексот згради кај градскиот пазар кај населбата Единство.
Општина Крива Паланка ќе го имплементира заедно со партнер-општината Дупница од Република Бугарија, а од вкупните одобрени средства, за Крива Паланка се издвоени 388.000 евра што ќе се инвестираат во: изградба на урбан зелен парк под зградите кај градскиот зелен пазар, изработка на зелен катастар со детали за зелените ресурси и инфраструктурата во урбаниот дел, изработка на платформа за следење на квалитетот на воздухот преку поставување сензори во соработка со образовни институции и изработка на прирачник за раст на растенија. Станува збор за проект со сеопфатна визија што ги надминува обичните креации на зелени простори и е синтетиза на инфраструктура со иновации, напредна технологија, сензори за квалитет на воздухот и аналитика во реално време што ќе овозможи одржливост на урбаниот пејзаж.
Проектот „ПАРКС“ ќе овозможи спој на различни засегнати страни: градски планери, еколози, едукатори и население, со што ќе се созде иницијатива фокусирана на заедницата, ветувајќи одржливост на урбаниот пејзаж.
Покрај во Крива Паланка, зелени простори ќе бидат креирани и во урбаниот дел на општина Дупница, со цел трансформација на сегашните запуштени простори во зелени оази кои задоволуваат многубројни потреби на заедницата. Целта на проектот е зголемување на зелената инфраструктура во пограничниот регион, во Крива Паланка и Дупница, преку ревитализација на урбаните зони со зелени паркови, живописни зелени простори и користење најсовремена технологија за постојано следење на животната средина.
„ПАРКС“ претставува креирање патоказ за одржливи урбани заедници преку поврзување на урбаното планирање, екологијата и технологијата.
Општина Крива Паланка со овој проект ги продолжува заложбите за одржување на имиџот како еколошки чиста, урбана и зелена општина.